Advertisement
ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ВООБРАЗБИ: ЛИРСКИ ЕТИДИ ЗА НЕКОЈ ДРУГ СВЕТ“ ОД БРАНКО ЦВЕТКОСКИ29. октомври. 2025 година, 19:19 часот во Салон 19:19
Книгата ќе ја промовираат Епископ дремвитски Давид (Нинов) и проф. д-р Лидија К. Дракулевска, Јанинка Невчева, пијано, стихови ќе чита Борче Начев
Својот богат и високо вреднуван поетски влог во современата македонска литература поетот Бранко Цветкоски го дополнува со новата стихозбирка
ВООБРАЗБИ /лирски етиди за некој друг свет/, која се појави во
поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј кое оваа година одбележува 25 години од своето основање.
Новото поетско дело донесува седумдесетина песни, подредени во четири тематски раздели „Наслов за залезот“, „Седенка во иднината“,
„Неизустените зборови“ и „Привиди. Ронки. Роморења“, а е придружено и
со обенем и есеистички осврт на проф. д-р Лидија Капушевска
Дракулевска. Препознавајќи го остварениот идеал на поетот во
создавањето на врвна поезија, препознатлива, преведувана и ценета и вреднувата во земјата и надвор од неа, Капушевска Дракулевска, меѓу
другото, категорично истакнува: „Префинетиот, кондензиран исказ на
песната, нејзината музичка целост и естетска интегралност и склад – се
темелните одлики од почетоците сè до најновата поетска објава на
Бранко Цветкоски – Вообразби /лирски етиди за некој друг свет.“
Во препораката кон изданието, македонскиот духовник, епископот Давид (Нинов), пак нагласува:
„Бранко Цветкоски е еден од најпрочуените и најплодотворни македонски поети, уметник од светски глас во упатените поетски кругови, мислител без којшто не е возможно да се состави мапата на современото македонско јазично творештво. Неговиот богат животен опит, самобитниот поетски призив и длабоката наобразба ни се откриваат одново, овојпат во еден исцело нов сјај во неговото најново поетско остварување „Вообразби“(лирски етиди за некој друг свет). Речено со густ, збиен, јадровит израз, „Вообразби“ на поетот Бранко Цветкоски претставува
поезија-противотров за празнината на постоењето.
Бранко Цветкоски е македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач. Завршил Филолошки факултет на универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Работел како новинар во весникот „Нова Македонија”, бил главен уредник на Книгоиздателството „Култура“, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на манифестацијата „Рацинови средби”, директор на Македонскиот народен театар, уредник и главен уредник на списанието „Стремеж“, еден од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач, директор и главен уредник на издавачката куќа „Макавеј“ и списанието „Книжевно житие“, уредник-продуцент во Македонската информативна агенција (МИА), член на уредувачкиот одбор на едицијата „Македонска книжевност во 135 тома“ и на едицијата „Превод на литературни дела што добиле Нобелова награда“, како и директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Живее во Скопје. Цветкоски е член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, почесен член на Сојузот на бугарските писатели, член на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Македонија, член на Академијата на убавите уметности – Вевчани. Учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци во: Бугарија, Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Романија, Молдавија, Русија, Полска, Кина, Црна Гора, Словачка, Чешка, Азербејџан, Украина, Унгарија, Шведска итн.
Advertisement
Event Venue & Nearby Stays
Културно информативен центар - Скопје, Филип Втори Македонски бб,Skopje, North Macedonia, Macedonia, The Former Yugoslav Republic Of
Concerts, fests, parties, meetups - all the happenings, one place.










