Advertisement
Почитувани пријатели и почитувачи на Игор Исаковски,На 19 септември, денот кога е роден пред 55 години, ќе ја претставиме книгата со севкупното поетско творештво на Игор, книга од 700 страници што ќе преставува книжевен паметник за една од највозбудливите појави во македонската поезија.
Ве каниме на неформална дружба во негова чест!
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“. Читајќи го Игор во неговата севкупност, ја видов поезијата секаде каде што ја гледал и тој: во секое свое животно искуство (од најбаналните секојдневности до најтрауматските и најдлабоките, како умирањата и раѓањата на најблиските), во хронотопите на урбаното живеење (од креветот и работната маса, па сè до големиот грд град), па дури и во самиот процес на пишување на поезијата (од поривот и помислата на стиховите до нивното механичко запишување). Одново ја почувствував и неговата осаменост („сам сум. вистински сум сам“), и неговата потреба за топла љубов („ни дома имам ни себе се имам / љубов кога немам“), и неговиот страво-копнеж кон смртта („ќе успеам ли да умрам / како што се очекува, или ќе крвавам / до последниот збор“).“
(Елизабета Баковска)
***
Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…
Оти премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на небитието…
(Елизабета Шелева)
Advertisement
Event Venue & Nearby Stays
Буква / Bookva, ЦркваСв. Константин и Елена, Улица Луј Пастер, 1106 Скопје, Северна Македонија, Skopje, Macedonia, The Former Yugoslav Republic Of